Денес се навршуваат четири години од смртта на маестро Александар Џамбазов, а неговиот син, Игор Џамбазов, актер и музичар, на социјалните мрежи објави длабоко лична и емотивна порака посветена на својот татко.
Во објавата, Игор открива дел од интимната приказна за човекот кој, како што вели, бил „единствен примерок“ и чие присуство денес го препознава во сопствениот одраз во огледалото. Текстот е извадок од неговата книга „Облечен човек“ и претставува искрено сведоштво за идентитетот, сенките и величината на маестро Џамбазов.
„Од пред некое време, наутро, кога ќе застанам пред огледалото, како да го гледам него. Особено кога имам на себе неколкудневна брада, јас и изгледам исто како него. И тоа е можно.
Татко ми Џамбаз е човек што вреди да го имаш за татко. Единствен примерок.
Татко ми целиот свој живот се жали дека никогаш не бил свој. Секогаш бил во нечија сенка. Се разбира дека тоа не е така.
‘Прво бев сопруг на Анче, па зет на Петре Прличко, а сега сум татко на Игор. А јас? Па што сум тогаш јас?’
Ти си маестро, маестро мој.“
Со оваа трогателна порака, Игор Џамбазов уште еднаш потсети на величината на својот татко – не само како извонреден музичар и уметник, туку и како човек и татко чиј дух и наследство продолжуваат да живеат преку музиката, зборот и сеќавањето.

















