ПРВ.мк
Сцена

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИ ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ МУЗИЧКИ ЅВЕЗДИ - Почина македонскиот пејач Владо Јаневски!

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИ ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ МУЗИЧКИ ЅВЕЗДИ - Почина македонскиот пејач Владо Јаневски!

Македонската музичка сцена претрпе голема загуба по веста дека на 66-годишна возраст почина пејачот и музичар Владо Јаневски, по кратко боледување на една од скопските клиники.

Јаневски беше едно од најпрепознатливите имиња во македонската и регионалната музика, а низ децении создаде низа песни што останаа длабоко врежани во колективната меморија на публиката. Меѓу неговите најпознати хитови се „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.

Роден во Скопје на 27 ноември 1960 година, Јаневски дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Во текот на својата музичка кариера бил дел од неколку состави, меѓу кои „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а свирел клавир, гитара и тапани.

Во своето творештво има шест студиски албуми, како и бројни настапи на домашни и меѓународни фестивали. Особено се памети неговиот настап како прв официјален претставник на Македонија на Евровизија во 1998 година во Бирмингем со песната „Не зори зоро“.

Настапувал и на фестивали како „Југовизија“, „Славјански базар“, како и на сцени во Кавен, Памуккале и Каиро, оставајќи силен белег во поширокиот регионален музички простор.

Со неговото заминување, македонската музика останува без еден од своите најавтентични и највлијателни изведувачи, чиј музички печат ќе продолжи да живее низ генерациите.