Мик Шумахер, синот на легендарниот седумкратен светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, проговори за болката што ја носи по тешката несреќа на неговиот татко во 2013 година.
Во емотивна исповед во документарен филм на „Нетфликс“, Мик откри колку му недостигаат разговорите со татко му, особено сега кога и самиот изгради кариера во автомобилизмот.
„Мислам дека денес татко ми и јас би се разбирале на поинаков начин. Едноставно затоа што зборуваме ист јазик – јазикот на автомобилизмот. Би имале толку многу за разговор. На тоа најмногу размислувам. Би се откажал од сè само да можам да го доживеам тоа“, изјави Мик.
Тој имал само 14 години кога неговиот татко доживеал тешка несреќа при скијање во францускиот зимски центар Мерибел.
Михаел тогаш паднал и со главата удрил во камен, по што бил итно пренесен во болница во Гренобл. Лекарите извршиле операции и го ставиле во индуцирана кома поради сериозните повреди на мозокот.
Оттогаш, неговата здравствена состојба се чува во строга приватност.
Мик призна дека најтешко му паѓа тоа што повеќе не може да ги споделува со татко му моментите што другите деца ги имаат со своите родители.
„По несреќата повеќе ги нема тие моменти што многу други луѓе ги споделуваат со своите родители. Мислам дека тоа е малку неправедно“, рече тој.
Сепак, најубавите спомени од детството засекогаш ќе останат со него.
„Кога размислувам за минатото, најмногу се сеќавам како сите четворица се забавувавме заедно. Возевме картинг низ селото, јававме понија и поминувавме време заедно. Тоа се спомени што ме прават среќен“, раскажа Мик.
Неговата исповед уште еднаш потсети на семејната трагедија што го оддалечи легендарниот шампион од јавноста и од животот што некогаш го водеше.








