Настапот на српската пејачка Јелена Карлеуша, закажан за 31 октомври во клубот „Театро“ во германскиот град Есен, е откажан, а причините што ги наведуваат организаторите и пејачката значително се разликуваат.
Од клубот соопштиле дека одлуката ја донеле поради јавните политички изјави на Карлеуша, особено нејзините ставови за студентите и граѓаните кои протестираат во Србија.
„Нашата сцена не е место за политичка пропаганда“
Во соопштението организаторите нагласиле дека не сакаат нивниот клуб да стане место за политички пресметки и продлабочување на поделбите.
„Сметаме дека улогата на пејачката првенствено е со својата музика да ги забавува и обединува луѓето, а не популарноста да ја користи за политички пресметки и навредување“, порачале од клубот.
Тие додале дека секој има право на политичко мислење, но дека постои граница меѓу изразувањето ставови и омаловажувањето други луѓе.
„Нашите принципи не се на продажба и ниту еден настап не е поважен од почитувањето на нашите гости“, се наведува во соопштението.
Карлеуша тврди дека добивала закани по живот
Од друга страна, Карлеуша на социјалните мрежи објавила поинакво образложение за откажувањето на концертот.
Во објавата што ја потпишала во име на клубот се наведува дека настапот е откажан поради голем број анонимни закани, вклучително и сериозни закани по нејзиниот живот и безбедноста на организаторите.
Според таа верзија, концертот би требало да се одржи на нов датум кога ќе бидат исполнети безбедносните услови, а купените билети ќе останат важечки.
Засега нема независна потврда за наводните смртни закани.
Двете различни објаснувања предизвикаа дополнителни реакции, а откажувањето на настапот повторно ги стави политичките изјави на Карлеуша во центарот на вниманието.








