Обвинителката Искра Хаџи Василева освои најмногу гласови на денешното гласање за избор на нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според објавените резултати, Хаџи Василева добила 64 гласа, со што се најде пред останатите четворица кандидати.
На второто место е Трајче Пеливанов со 57 гласа, додека Јован Цветановски освоил 30 гласа. Фатон Азизи добил 14 гласа, а Лидија Раичевиќ шест.
Право на глас имале вкупно 187 јавни обвинители од целата држава, од кои 12 не учествувале во гласањето. Изборот се спроведувал преку непосредно и тајно гласање, во периодот од 8 до 16 часот.
Резултатите треба да бидат сумирани и официјално соопштени на јавна седница.
Изборот на нов раководител следува по истекувањето на мандатот на досегашниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за уште еден мандат.
Петтемина кандидати на 13 октомври ги презентираа своите програми пред Советот на јавните обвинители.
Меѓу најважните приоритети што беа истакнати се зајакнувањето на финансиските истраги, поефикасната борба против корупцијата и обезбедувањето поголема независност на Обвинителството.
Со изборот на Хаџи Василева се очекува ново раководство на институцијата надлежна за гонење на најсериозните случаи на организиран криминал и корупција во државата.








