ПРВ.мк
Македонија

МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО НОВА ДИГИТАЛНА ЕРА: Пуштена во употреба бесплатната апликација м.Услуги!

МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО НОВА ДИГИТАЛНА ЕРА: Пуштена во употреба бесплатната апликација м.Услуги!

Министерството за дигитална трансформација официјално ја пушти во употреба мобилната апликација м.Услуги (m.Uslugi), која на граѓаните им овозможува пристап до дигитални документи и електронски јавни услуги директно преку мобилен телефон.

Апликацијата беше промовирана во Македонската филхармонија, каде што министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека ова претставува важен чекор кон модернизација на јавната администрација.

Целта е граѓаните да трошат помалку време на шалтери, да избегнат непотребно носење документи меѓу институциите и полесно да ги користат државните услуги.

Апликацијата е целосно бесплатна, а нејзиното користење е доброволно.

Преку неа се овозможува дигитално чување документи, пристап до првите електронски услуги и споделување само на неопходните лични податоци, без откривање на сите информации содржани во документите.

„Со м.Услуги почнуваме да го менуваме односот меѓу државата и граѓаните“, порача Андоновски.

Тој нагласи дека вистинската дигитализација не значи само префрлање на постојните административни процедури на телефон, туку и нивно суштинско поедноставување.

Проектот произлегува од иницијатива започната во 2024 година, инспирирана од украинската апликација Diia, а дополнително е развиван во рамките на европскиот проект GovTech4All.

Во следните фази се планира воведување електронски плаќања, нови дигитални документи, меѓу кои изводи, уверенија и дипломи, како и проширување на достапните услуги.

Министерот ги повика институциите да се приклучат кон платформата, а граѓаните да ја користат и да предлагаат подобрувања.

Успехот на апликацијата, според Андоновски, ќе се мери преку заштеденото време, намалената администрација и бројот на услуги што ќе можат целосно да се завршат електронски.

Најнови вести