ПРВ.мк
Република

ВАЖЕН АПЕЛ ДО КАВАДАРЧАНИ: Еве каде треба да се одлага отпадот од варењето ракија

ВАЖЕН АПЕЛ ДО КАВАДАРЧАНИ: Еве каде треба да се одлага отпадот од варењето ракија

ЈП „Комуналец“ – Кавадарци упатува апел до граѓаните кои во овој период варат ракија внимателно и одговорно да постапуваат со остатоците од процесот, односно со комињето и чешвите.

Од претпријатието предупредуваат овие отпадоци да не се оставаат во или покрај стандардните контејнери со зафатнина од еден кубен метар. Неправилното одлагање може да предизвика истекување на течности по улиците и тротоарите, да создаде непријатна миризба, но и да влијае врз хигиената и животната средина.

За правилно отстранување на органскиот отпад од варењето ракија, граѓаните можат директно да го однесат на депонијата „Мелци“. Друга можност е отпадот да се одложи во специјално поставените големи контејнери со зафатнина од пет кубни метри.

Од ЈП „Комуналец“ информираат дека овие контејнери се поставени на повеќе локации во Кавадарци и околината: на улица „Калница“, во Моклиште, на излезот од селото Ваташа, на почетокот на пешачката патека, на Северен булевар кај бунарите и во Шамаци, под лентата.

Од комуналното претпријатие ги повикуваат граѓаните да ги почитуваат препораките и отпадот од варењето ракија да го одлагаат на предвидените места, со цел да се спречи загадување и да се придонесе за почиста и похигиенска животна средина во Општина Кавадарци.

Извор: КТВ Телевизија - официјална страна