Над 400 монети досега се откриени во рамки на петгодишните систематски археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај селото Црнобуки, Битолско, откритие кое отвора нови поглавја за историјата на овој антички македонски град.
Археолошката збирка продолжува да се збогатува и со наодите од најновите истражувања, кои се насочени кон целосно доистражување на локалитетот и откривање нови детали за животот во древниот град.
Координаторот на проектот, Енгин Насух, археолог советник-кустос во Завод и музеј Битола, информира дека меѓу пронајдените движни археолошки предмети има и монети од исклучително историско значење.
Особено внимание привлекуваат монетите ковани во периодот на владеењето на македонскиот крал Филип Втори Македонски, таткото на Александар Трети Македонски (Александар Велики), што дополнително ја потврдува важноста на локалитетот Градиште како значаен центар од античкиот период.
Истражувањата на локалитетот кај Црнобуки продолжуваат, а археолозите очекуваат нови откритија кои ќе дадат уште поширока слика за историјата, културата и економскиот развој на древна Македонија.









