Од понеделник, 13 јули, во Охрид започнува примената на нови правила за паркирање на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, информираат од ЈП „Билјанини Извори“.
Според новиот режим, обележаните паркинг-места на овие улици ќе бидат наменети исклучиво за резидентните жители кои имаат соодветна документација и важечка резидентна налепница.
За сите останати возила паркирањето на означените места ќе биде забрането, а прекршителите ќе се соочат со санкции, меѓу кои и поставување блокатор на возилото.
Од јавното претпријатие предупредуваат дека возилата кои ќе бидат оставени на необележани места, на коловоз или на други јавни површини спротивно на сообраќајната сигнализација, ќе бидат санкционирани од страна на Министерството за внатрешни работи.
Резидентните жители ќе имаат можност бесплатно да го користат и паркингот кај Општина Охрид до 1 септември.
За туристите и останатите посетители ќе остане достапно паркирањето во Б-зоната, каде што ќе можат да набават месечен паркинг-билет.
Од ЈП „Билјанини Извори“ дополнително потсетуваат дека дотурот на стока во стариот дел на Охрид мора да се реализира најдоцна до 10 часот.
Надлежните апелираат до граѓаните и посетителите да ги почитуваат новите правила, со цел да се намали сообраќајниот метеж и да се обезбеди подобар ред во најфреквентните делови на градот во текот на летната сезона.









