Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, соопшти дека Советот на Општината донел одлука со која секое дете што ќе се запише во прво одделение на територијата на општината ќе добие ваучер во вредност од 100 евра во денарска противвредност.
Според Касами, мерката е наменета да им помогне на родителите и семејствата полесно да ги покријат трошоците поврзани со почетокот на образованието и школувањето на нивните деца.
Тој појасни дека субвенцијата ќе важи за сите ученици кои ќе се запишат во прво одделение најдоцна до 20 јуни. Ваучерите, пак, ќе бидат распределени на почетокот на јули годинава.
Од Општина Тетово очекуваат оваа мерка да претставува дополнителна поддршка за семејствата и да го олесни почетокот на новата учебна година за најмладите ученици.










