ПРВ.мк
Република

МАКЕДОНИЈА ПОД ЛУПА: Се зголемува бројот на случаи со прислушување во државата - ова е моменталната бројка!

МАКЕДОНИЈА ПОД ЛУПА: Се зголемува бројот на случаи со прислушување во државата - ова е моменталната бројка!

Употребата на посебни истражни мерки во Северна Македонија, кои опфаќаат прислушување на телефонски комуникации, надзор на лица и тајно снимање, бележи значителен пораст во текот на 2025 година.

Според најновиот извештај на јавниот обвинител Ненад Савески, во текот на годината биле издадени наредби за спроведување на вакви мерки во 44 нови случаи, додека истите биле продолжени и во четири предмети од претходната година.

Податоците укажуваат на зголемување од над 25 проценти во однос на 2024 година, кога посебни истражни мерки биле применети во 35 случаи. И покрај растот, бројката останува пониска од 2023 година, кога биле евидентирани вкупно 87 случаи.

Од новоотворените предмети, во два случаи иницијатор било самото Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, додека во останатите случаи предлозите пристигнале од Министерството за внатрешни работи.

Вкупно 365 лица биле опфатени со овие мерки, меѓу кои и три лица со непознат идентитет, во рамки на 56 кривични предмети. Според извештајот, мерките во најголем дел ги дале очекуваните резултати, што се потврдува преку отворање истраги, поднесување обвиненија и донесување судски пресуди.

Најчесто применувана мерка во текот на 2025 година била надзорот и евидентирањето на лица надвор од нивните домови, користена во 33 случаи против 107 лица. Овие мерки најчесто се применувале во истраги за тешки кривични дела како убиство, трговија со дрога, перење пари, поткуп, тероризам и трговија со луѓе.

Покрај тоа, прислушување на телефонски и електронски комуникации било наредено во 28 случаи, опфаќајќи 140 лица. Во одредени случаи, овие мерки траеле и до осум месеци и биле користени во истраги поврзани со убиства, злоупотреба на службена положба, шверц на мигранти и други сериозни кривични дела.

Извештајот заклучува дека посебните истражни мерки остануваат клучна алатка на органите за кривично гонење во борбата против организираниот криминал и корупцијата, со зголемена примена во 2025 година.