Меѓуградската железничка линија меѓу Прилеп и Битола треба да започне со сообраќај кон крајот на јуни или почетокот на јули, најави денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посета на Општина Могила.
Тој истакна дека паралелно се работи и на воспоставување карго железнички превоз кон двата града, со што железницата повторно би добила значајна улога и во патничкиот и во товарниот сообраќај.
Според Николоски, воведувањето на линијата доаѓа како алтернативно решение во периодот додека се гради автопатот Прилеп–Битола, а со цел да се обезбеди побрз и поефикасен превоз за граѓаните.
Како што посочи, во моментов се работи на подготовка на инфраструктурата, вклучително и уредување на патните премини и обезбедување соодветни возови со редовна фреквенција. Возовите, како што најави, ќе сообраќаат во термини прилагодени на потребите на патниците.
Цената на билетот ќе изнесува околу 150 денари, што според министерот е симболична сума со цел линијата да биде достапна за што поголем број граѓани.
Николоски најави и скоро стартување на карго железничкиот сообраќај, при што веќе постои интерес од компании за користење на железницата за транспорт на стоки. Тој оцени дека тоа ќе придонесе за намалување на загадувањето, заштита на патната инфраструктура и намалување на трошоците за транспорт.










