Крушево и денес се соочи со сериозни временски неприлики, откако по обилните врнежи во изминатите 24 часа, градот утрово беше погоден од невреме проследено со интензивен пороен дожд и појава на град.
Граѓаните на социјалните мрежи споделуваат снимки и фотографии од драматичната ситуација, на кои се гледа како улиците се под постојан дожд и тмурно време кое не попушта од раните утрински часови.
Според податоците, Крушево во последното деноноќие било меѓу најпогодените подрачја во државата, со измерени 34 литри дожд на метар квадратен. Интензитетот на врнежите дополнително ја влошил состојбата на теренот, особено во повисоките делови од градот.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во текот на викендот, под влијание на нова циклонска активност. Се очекуваат локални поројни врнежи, грмежи и засилен ветер, со можност за краткотрајни но поинтензивни временски појави на одделни места низ земјата.










