ПРВ.мк
Наука/Технологија

Средоземното Море стана „термална бања“: Соборен температурен рекорд стар 86 години

Средоземното Море стана „термална бања“: Соборен температурен рекорд стар 86 години

Средоземното Море ова лето достигна историски температурен максимум. На 13 август просечната температура на морската површина изнесувала 28,54 степени Целзиусови, што според Шпанската државна метеоролошка агенција АЕМЕТ е највисоката вредност откако постојат споредливи податоци од 1940 година.

Од АЕМЕТ посочуваат дека во текот на речиси целиот август биле регистрирани рекордно високи температури на морето, а нови максимуми биле поставувани речиси секојдневно.

И јули бил исклучително топол. Според податоците на „Меркатор Оушн Интернешнл“, просечната температура на Средоземното Море во јули изнесувала 27,07 степени, со што бил надминат претходниот рекорд од 26,68 степени поставен во 2025 година.

Знаците за екстремното затоплување биле видливи уште кон крајот на јуни, кога на одредени места температурата на морската површина била до 2,6 степени над просекот. Морето уште тогаш достигнувало температури карактеристични за средината или втората половина на август.

Високите температури на морето можат да влијаат и врз условите на копното, особено во крајбрежните области. Бидејќи водата ја ослободува акумулираната топлина побавно, може да се намали ноќното разладување и да се зголемат влажноста и ноќните температури.

Последици се можни и за морскиот свет. Долготрајните морски топлотни бранови создаваат сериозен стрес за организмите и можат да предизвикаат промени во распространетоста на видовите и нарушувања на крајбрежните екосистеми.

Со измерените 28,54 степени, летото 2026 донесе уште еден историски температурен рекорд за Средоземното Море.