ПРВ.мк
Наука/Технологија

СКРИЕНА ЗАКАНА ОД ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: Deepfake видеата можат да предизвикаат еколошка катастрофа!

СКРИЕНА ЗАКАНА ОД ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: Deepfake видеата можат да предизвикаат еколошка катастрофа!

Додека интернетот е преполн со сè пореалистични видеа создадени од вештачка интелигенција, како оние направени преку платформата Sora на OpenAI, експертите алармираат дека зад дигиталната магија се крие вистинска еколошка опасност.

Во последниве години, deepfake видеата станаа вистински феномен – овозможувајќи појава на лажни сцени со познати личности, историски фигури, па дури и со починати луѓе, прикажани во навредливи и непријатни контексти. Семејствата на некои жртви на ваквите злоупотреби, како на пример семејството на д-р Мартин Лутер Кинг, веќе апелираа до технолошките компании да воведат забрана за ваков вид содржини.

Но, според д-р Кевин Грекш од Универзитетот во Оксфорд, зад оваа технолошка треска постои уште еден сериозен и често игнориран аспект – штетното влијание врз животната средина.

„Овие видеа не се создаваат на вашиот телефон или лаптоп. Тие се процесираат во огромни дата-центри, кои често се наоѓаат на другиот крај на светот, и за тоа е потребна неверојатна количина електрична енергија и вода,“ предупредува Грекш.

Тој објаснува дека серверите во дата-центрите мора постојано да се ладат за да не се прегреат, а за тоа се користат илјадници литри свежа вода секоја минута. Со секој нов видео-клип создаден од AI, овие ресурси се под сè поголем притисок.

Само во првите пет дена од октомври, апликацијата Sora била преземена повеќе од еден милион пати, а и понатаму е на врвот на Apple App Store во САД. Тоа значи дека секојдневно се создаваат милиони нови видеа, кои бараат уште повеќе енергија и вода за нивна обработка.

„Треба да бидеме свесни што користиме, колку често го користиме и по која цена,“ изјави Грекш, додавајќи дека владата го смета јужниот Оксфордшир како нова зона за развој на индустријата со вештачка интелигенција, но никој не размислува од каде ќе дојде водата за ладење на серверите.

„Мачката веќе е пуштена од ќесата кога станува збор за вештачката интелигенција,“ заклучува тој. „Но мораме да размислуваме поодговорно – каде ги поставуваме дата-центрите, како ги напојуваме и како ги одржуваме, пред технологијата да стане закана не само за вистината, туку и за планетата.“

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape