ПРВ.мк
Наука/Технологија

НАМЕСТО ПАЦИЕНТОТ ДО БОЛНИЦА – БОЛНИЦАТА ДО ПАЦИЕНТОТ: Изум на 23 студенти кој може да спасува животи

НАМЕСТО ПАЦИЕНТОТ ДО БОЛНИЦА – БОЛНИЦАТА ДО ПАЦИЕНТОТ: Изум на 23 студенти кој може да спасува животи

Група од 23 студенти од Холандија за само една година развиле соларна амбуланта чија цел е медицинската помош да стигне до луѓето кои живеат далеку од здравствените установи.

Возилото го носи името „Stella Juva“, односно „ѕвезда што помага“, а е создадено првенствено за руралните делови на Кенија, каде што за дел од населението патувањето до најблиската здравствена установа може да трае и цел ден.

Мобилната амбуланта располага со медицинска опрема за тестирање на туберкулоза, систем за чување вакцини на соодветна температура, ултразвучен апарат за прегледи на бремени жени и дефибрилатор.

Електричната енергија ја добива преку соларни панели поставени на покривот, а има и батерија што овозможува медицинската опрема да функционира во текот на ноќта и кога нема доволно сончева светлина.

Според проектот, во поволни сончеви услови возилото може да помине до 715 километри, што значително го зголемува радиусот во кој медицинските тимови можат да стигнат до оддалечените населени места.

Концептот е едноставен – наместо пациентите да поминуваат огромни растојанија за да стигнат до болница, дел од медицинската грижа да пристигне директно до нив.

Студентскиот тим наскоро треба да замине во Кенија, каде што „Stella Juva“ ќе биде тестирана во реални услови. Поради тешко пристапниот терен, возилото е опремено и со резервни гуми и лопати.

Проектниот лидер, 21-годишниот Матијс ван Герфен, смета дека проектот покажува колку брзо може да се развива технологијата кога зад неа постои конкретна цел. Ако 23 студенти успеале да создадат вакво возило за само една година, порачува тој, индустријата има потенцијал да направи уште повеќе.