Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) ја одобри првата вакцина против сезонски грип развиена со мРНК технологија. Станува збор за вакцината „mFlusiva“ на компанијата „Модерна“, која е наменета за лица постари од 50 години.
Одобрението за лицата на возраст од 50 до 64 години се темели на резултатите од клиничко испитување во кое учествувале околу 40.000 лица. Според компанијата, кај вакцинираните биле забележани околу 27 проценти помалку случаи на грип во споредба со оние кои примиле стандардна вакцина.
За лицата над 65 години, вакцината доби забрзано одобрение врз основа на податоци што покажале силен имунолошки одговор, додека дополнителните клинички испитувања продолжуваат.
Од „Модерна“ информираат дека не биле забележани сериозни безбедносни проблеми. Најчесто пријавените несакани реакции биле болка на местото на апликација, главоболка, замор, треска и болки во мускулите.
Компанијата очекува вакцината наскоро да биде достапна пред почетокот на сезоната на вакцинација против грип, откако независен советодавен комитет на ФДА едногласно препорача нејзино одобрување.










