Во нова ескалација на конфликтот меѓу технолошките гиганти, Илон Маск најави судска постапка против Apple, обвинувајќи ја компанијата за нелегален фаворитизам кон OpenAI и нарушување на конкурентноста во App Store. Преку објава на неговата платформа X, Маск изјави дека Apple ја злоупотребува својата моќ за да ги попречи другите компании за вештачка интелигенција, како неговата xAI, да се искачат на врвот на листите.
Маск посочи дека Apple одбива да ги вклучи неговите апликации X и Grok во делот „Задолжително“, и покрај тоа што X е апликација за вести број еден во светот, а Grok е на петтата позиција според преземања. Тој го нарече ова директна блокада, која според него се коси со антимонополските прописи.
Во моментов, ChatGPT на OpenAI се наоѓа на првото место на листата „Најдобри бесплатни апликации“ во САД, додека Grok на xAI е на петтото место. Ситуацијата е уште поосетлива бидејќи Apple има официјално партнерство со OpenAI, што овозможува интеграција на ChatGPT во уредите iPhone, iPad и Mac.
На обвиненијата на Маск одговори Сем Алтман, извршен директор на OpenAI и поранешен соосновач со Маск на самата компанија. Алтман тврдеше дека Маск сам го користи алгоритмот на платформата X за лични цели – за самопромоција и за поткопување на конкуренцијата. Маск ги негираше овие обвинувања.
Познавачите потсетуваат дека односите меѓу двајцата се затегнати уште од 2018 година, кога Маск се повлече од OpenAI откако не успеа да ја преземе контролата врз неа. Подоцна тој ја тужеше OpenAI двапати, нарекувајќи го нивниот премин од непрофитна во профитна организација „измама од шекспировски размери“.
Онлајн преписката меѓу Маск и Алтман премина во лични провокации – Маск забележа дека твитот на Алтман има повеќе прегледи и покрај тоа што тој има 50 пати повеќе следбеници, на што Алтман му возврати дека тоа е поради вештина, а не бројки, или можеби „ботови“. Тој дури јавно го предизвика Маск да изјави под заклетва дека никогаш не наредил менување на алгоритми во X за сопствена корист, нудејќи извинување ако тоа се покаже точно.
Во меѓувреме, корисниците на X преку „community notes“ потсетија дека OpenAI не е единствена компанија која била на врвот на App Store и по партнерството со Apple. Пример за тоа се DeepSeek (Кина), која беше прва во САД во јануари 2024 година, и Perplexity, која доминираше во индискиот App Store во јули истата година.
Кога корисник го прашал Grok која страна е во право, четботот на Маск дал неочекуван одговор – дека според достапни податоци, Сем Алтман е во право.
Целата расправија се одвива во момент кога Apple се соочува со силен притисок од регулаторите. Во март 2024 година, американското Министерство за правда покрена антимонополска тужба против Apple, обвинувајќи ја компанијата за создавање и одржување на нелегален монопол. Дополнително, Европската Унија му изрече казна од 500 милиони евра поради ограничувања кон девелоперите.