Медицинскиот канабис во Шпанија сега официјално ќе може да се употребува во болниците, откако Советот на министри го одобри новиот декрет. Според него, препаратите ќе се препишуваат исклучиво од лекари специјалисти за одредени болести кај пациенти кај кои другите лекови не покажале ефект, и ќе можат да се подготвуваат само во овластени болнички аптеки.
Продажба во аптеки и употреба надвор од болничката средина не е дозволена, а матичните лекари нема да можат да ги препишуваат овие препарати. Производите ќе мора да имаат јасно дефиниран состав на THC и CBD, при што соединенијата со повеќе од 0,2% THC ќе бидат предмет на дополнителни контроли.
Карола Перез, претседателка на Шпанската опсерваторија за медицински канабис, ја оцени регулативата како историски чекор и потенцира дека отвора можност за проширување на листата болести за кои може да се користи, како ендометриоза и фибромијалгија. Сепак, таа предупреди на предизвици, како недоволно знаење кај лекарите и можен преоптовар на болничките лаборатории поради големата побарувачка.
Во земји како Израел и Канада, околу 0,6–0,7% од населението користи медицински канабис, што во Шпанија би значело повеќе од 300.000 потенцијални корисници.