Метеорологот Славчо Попоски алармира дека од утре, на вториот ден Божиќ, Македонија ја очекува нагла и изразена промена на временските услови. Причина за тоа е силен продор на студен воздух од север, кој ќе донесе брз премин на врнежите од дожд во снег, не само на планините, туку и во дел од пониските места.
Според најновата анализа, најизразени снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде условите ќе бидат најкритични. Таму се прогнозира создавање на значителна снежна покривка, што може да предизвика проблеми во сообраќајот и секојдневното функционирање.
На планините се очекува нов слој снег од 10 до 20 сантиметри, додека во градските средини во западна Македонија снежната покривка може да достигне од 5 до 10 сантиметри. Снегот ќе биде придружен со пад на температурите и засилен северен ветер, што дополнително ќе го зголеми чувството на студ.
Во Скопје и околината, снегот нема да биде обилен, но ќе има услови за слаби снежни врнежи, особено во повисоките делови од котлината. Таму ветерот од северен правец повремено ќе засилува, што може да создаде непријатни временски услови, особено во утринските и вечерните часови.
Надлежните служби се повикуваат навреме да реагираат, а граѓаните да бидат подготвени за вистински зимски услови – со лопати, зимска опрема и зголемена внимателност на патиштата.
















