Поранешниот вицепремиер на Македонија и бегалец од правдата, Артан Груби, наводно е забележан во Приштина, објавува косовската новинска агенција „Косова прес“, повикувајќи се на свој извор.
Според тврдењата на изворот, Груби бил виден вчера попладне во косовската престолнина, во населба недалеку од центарот на градот. Наводно, тој таму престојува подолг период, откако е во бегство од декември 2024 година.
Косовскиот медиум наведува дека поранешниот висок функционер, кој е ставен и на црната листа на Соединетите Американски Држави, значително го променил својот изглед со цел да не биде препознаен. Според сведоштвото, Груби носел зимска јакна, спортска облека и капа, а пуштил и брада, што дополнително го отежнува неговото препознавање.
Изворот додава дека Груби бил во придружба на две деца, но не се наведуваат дополнителни детали за нивниот идентитет или причината за нивното присуство со него.
Во меѓувреме, македонските безбедносни служби сè уште трагаат по Артан Груби, како и по поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој исто така е недостапен за органите на прогонот.
Истрагите против поранешните функционери продолжуваат, а официјални информации од надлежните институции засега нема.
















