Шеснаесетгодишниот Стивен Ивановски, по потекло од делчевскиот регион, кој трагично го загуби животот во разорниот пожар во бар во Кран-Монтана, Швајцарија, за време на новогодишната ноќ, вчера беше погребан. Последното збогување со младиот живот се одржа на гробиштата во Орон-ла-Вил, информира македонското друштво „Пианец“.
Стивен имал само 16 години. Како и многу млади луѓе, заедно со својата постара сестра заминал во Кран-Монтана за да го дочека Новата година, исполнет со радост, младешка енергија и надеж. Таа вечер, која требало да биде празник, се претворила во кобна трагедија. Стивен се наоѓал во барот кога избувнал пожарот и не успеал да се спаси. Неговата сестра, пак, излегла надвор на краток момент да земе воздух – потег што ѝ го спасил животот. Трагичен сплет на околности и судбинска случајност која засекогаш ќе ја обележи нивната фамилија.
Од македонското друштво „Пианец“ со длабока болка ја опишаа трагедијата, нагласувајќи дека загубата оставила огромна и неизбришлива празнина.
„Стивен имаше само 16 години. Зад себе остави семејство скршено од болка, засекогаш обележано од оваа брутална и неразбирлива загуба. Живот прекинат премногу рано и празнина што никогаш нема да се пополни“, наведуваат од друштвото.
Со цел да му се помогне на семејството во овие исклучително тешки моменти, отворена е и сметка за донации. Хуманитарната акција има за цел покривање на погребните трошоци и обезбедување финансиска поддршка за семејството, кое покрај огромната емоционална болка се соочува и со сериозни материјални предизвици. Од „Пианец“ изразуваат благодарност до сите кои веќе донирале и истакнуваат дека секоја помош, без разлика на износот, има огромно значење за најблиските на Стивен.
Во катастрофалниот пожар што избувна во барот за време на новогодишната прослава, животот го загубија над 40 млади лица, додека повеќе од 100 беа повредени. Според првичните информации од истрагата, пожарот бил предизвикан од употреба на пиротехнички средства – таканаречени фонтани-прскалки, кои го зафатиле плафонот, по што огнот со голема брзина се проширил низ целиот објект, предизвикувајќи една од најтешките трагедии во поновата историја на регионот.
















