Основното јавно обвинителство во Тетово поведе постапка против 50-годишен тетовец, осомничен за семејно насилство и прекршување на претходно изречени судски мерки за заштита.
Според Обвинителството, инцидентот се случил на 14 август, кога во семејниот дом дошле непознати лица и побарале да им бидат вратени 200 евра. Парите претходно му ги дале на осомничениот, бидејќи тој наводно им кажал дека му се потребни за лекување и дијализа на неговата ќерка.
Кога сопругата им кажала дека биле измамени и најавила дека ќе повика полиција, ситуацијата ескалирала.
Според сомненијата на Обвинителството, 50-годишникот започнал физички да ја напаѓа својата ќерка, а истовремено упатувал сериозни закани кон неа и сопругата. Тој наводно се заканил дека ќе ги запали доколку полицијата го приведе.
Со ваквото однесување кај двете жени биле предизвикани страв и чувство на загрозеност.
Дополнително, осомничениот со своето постапување ги прекршил и мерките за заштита од семејно насилство кои претходно му биле изречени од Основниот суд во Тетово.
Обвинителството поведе постапка за кривичните дела „загрозување на сигурноста“ и „неизвршување судска одлука“.
Поради околностите на случајот и сериозноста на заканите, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил и предлог за определување мерка притвор за 50-годишниот тетовец.







