На првото судење за криминалната група „Беланоца-Барон“ во Кривичниот суд во Скопје, членовите на оваа позната мафијашка група беа строго обезбедени од специјални единици со фантомки и тешко вооружени. На обвинителната клупа седнаа девет лица, главно млади мажи, кои делуваа како бизнисмени со скапи часовници, а не како обвинети за серија убиства поврзани со борбата за контрола над скопското подземје.
Меѓу обвинетите е и лидерот Фатљум Ајети Тоте, како и Акиф Равманоски, кој претходно беше помилуван од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, што предизвика големи реакции во јавноста. На судењето присуствуваше и Гани Туша, осомничен за убиството на Орхан Бајрами, познат како Оки, кое се случи во Ханиоти, Грција.
Обвинението опфаќа девет лица, додека седум други се во бегство, па за нив истрагата е прекината. Поради отсуство на неколку адвокати, судењето беше одложено, а следното рочиште е закажано за август, во специјализираната судница во затворот Идризово, поради безбедносни причини.
Групата е обвинета дека организирала и извршувала мафијашки убиства заради превласт во скопското подземје, како и одмазди и други насилни дела со ниски побуди. Некои од убиствата се нарачувани од затвор, а како пример се посочува убиството во „Шиша бар“ во скопската чаршија, каде беа ликвидирани водачите на спротивставената банда „Дуќанџик-Грчеец“. Освен убиства, тие палеле објекти и возила, сериозно загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните.
Обвинителството наведува дека во 2020 година тројца првообвинети формирале организирана криминална група со цел извршување сериозни кривични дела, особено убиства и други насилни акти. Тие организирале и планирале цели, локации и начини на ликвидации, додека останатите членови ја спроведувале нивната стратегија. Некои од нив се починати, други се недостапни, а дел од учесниците не се идентификувани.