Судот во Ајдахо донесе пресуда за бруталните убиства на четворица студенти, но мотивите зад злосторството остануваат целосна мистерија.
Брајан Кобергер (30), поранешен докторски студент по криминологија на Универзитетот Вашингтон Стејт, е осуден на четири последователни доживотни казни затвор без можност за условно ослободување, поради убиството на четворица студенти во ноември 2022 година во градот Москва, сојузна држава Ајдахо.
Судијата Стивен Хиплер ја изрече казната откако Кобергер призна вина во рамки на спогодба со која ја избегна смртната казна. Покрај доживотните казни, доби и 10 години затвор за провала и треба да плати 270.000 долари казни и надоместоци.
За време на тричасовното рочиште, Кобергер не покажал никакви емоции, и покрај потресните сведоштва од семејствата на жртвите и преживеаните цимерки. На 13 ноември 2022 година, тој влегол во куќа близу кампусот преку лизгачка врата и со нож ги убил Итан Чејпин (20), Ксана Кернодл (20), Медисон Моген (21) и Кејли Гонкалвес (21). Две цимерки кои спиеле, го преживеале нападот.
Обвинителството соопшти дека имало цврсти докази – ДНК на корицата од ножот, снимки од надзорни камери, податоци од мобилен телефон и интернет-пребарувања за воен нож. ДНК-то било идентификувано преку генетска генеалогија.

Мотивот за убиствата сѐ уште не е познат. Истражителите не пронашле ниту лична врска со жртвите, ниту онлајн комуникација.
Судијата Хиплер рече дека делото е „необјасниво“ и „без рационалност“, додавајќи: „Време е да завршат 15-те минути слава на Кобергер.“
Пред изрекувањето на казната, над десет члена од семејствата и пријателите на жртвите зборуваа за последиците од злосторството. На прашањето дали сака да се обрати, Кобергер рече: „Со почит – одбивам.“
Семејствата на жртвите тивко коментираа: „Ништо чудно“ и „Кукавица“.
Алива Гонкалвес, сестра на убиената Кејли, го нарече „патетичен социопат“ и додаде дека „никој овде не е импресиониран ниту исплашен“, што предизвика аплауз во судницата.
Родителите на Кејли, Стив и Кристи Гонкалвес, изразија разочараност што Кобергер ја избегнал смртната казна. Кристи рече: „Пеколот го чека.“
Скот Ларами, очув на Медисон Моген, рече дека живееле извонреден живот благодарение на неа, додека нејзиниот татко Бен истакна дека таа била сè што имал.
Семејството на Ксана исто така сподели болка. Нејзината сестра Џезмин ја опиша како „весела и омилена“, а татко ѝ Џеф кажа дека бил само неколку километри од куќата ноќта на убиството, но не отишол поради алкохол – и се кае: „Можеби сите денес ќе беа живи.“
Ким Кернодл, тетка на Ксана, му прости на Кобергер, велејќи дека не сака да живее со омраза, а нејзината мајка Карен додаде дека преку простување се ослободила од злото што тој го донел.
Преживеаните цимерки Бетани Фанке и Дилан Мортенсен зборуваа за долготрајните психолошки последици – несоница и панични напади.
Окружниот обвинител Бил Томпсон објасни дека спогодбата за признавање вина е направена за да се поштедат семејствата од долготрајно судење. Кобергер се откажа од правото на жалба.
По изрекувањето на пресудата, ја напушти судницата без да каже збор.