Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска се обрати на официјалниот старт на регионалната кампања за Западен Балкан „Момент за живот“, организирана од Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница. На настанот присуствуваа претставници од Министерството за транспорт, Делегацијата на ЕУ, МВР, РСБСП, како и експерти од областа на безбедноста на патиштата.
Во своето обраќање, Исени стави акцент на личната одговорност и сообраќајната култура, нагласувајќи дека секој избор зад воланот или на патот може да биде пресуден.
„Безбедноста на патиштата не е само прашање на законски обврски и правила. Таа е прашање на култура, свест и лична одговорност. Секојпат кога ставаме безбедносен појас, кога правилно обезбедуваме дете во детско седиште или кога носиме заштитна кацига, правиме избор во корист на животот“, истакна заменик-министерот.
Тој потсети на преземените системски чекори, меѓу кои е и Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата, усогласена со европските цели и принципите на „Визија нула“. Особено го издвои проектот „Безбеден град“ како еден од најзначајните зафати на МВР, преку кој со автоматско откривање на прекршоците се зајакнува контролата и се намалуваат ризиците.
Сепак, Исени порача дека технологијата и законите се само алатка, а суштинската промена лежи кај самите граѓани.
„Ниту една камера, ниту една технологија, ниту еден закон не може сам да ја создаде безбедноста што ја посакуваме. Безбедноста започнува со секој од нас“, заклучи тој, повикувајќи на заедничка посветеност на институциите и учесниците во сообраќајот за побезбедни патишта.


