Делегација од Министерството за внатрешни работи, предводена од државниот секретар Сашо Петрушевски, заедно со заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски и претставници од МНРНТ, учествува на Виенската миграциска конференција, која се одржува на 16 и 17 ноември 2026 година во Австрија.
Годинешниот форум се реализира во услови на длабоки геополитички, економски и технолошки промени кои имаат далекусежни последици врз глобалната соработка и мобилноста. На повеќе панели, учесниците ги разгледуваа модалитетите за ефикасно управување со границите како одговор на современите безбедносни предизвици. Посебен акцент беше ставен на влијанието на глобалниот пазар на трудот врз миграциските текови, како и на новите правила од Пактот на ЕУ за миграција и азил и нивната улога во градењето отпорни системи.
Македонската делегација зеде активно учество на панелот посветен на влијанието на геополитичките услови врз миграциските приоритети. Притоа беше истакнато дека и покрај различните реалности со кои се соочуваат европските земји, зајакнатата европска соработка може успешно да одговори на различните национални безбедносни потреби.
Во рамки на конференцијата, делегацијата оствари и билатерална средба со генералната директорка на Меѓународниот центар за развој на миграциските политики (ИСМПД), Сузан Раб. На средбата се разговараше за клучните приоритети и идната поддршка за земјава, при што беа дефинирани областите за советодавна и техничка помош насочена кон зајакнување на институционалните капацитети и имплементација на националните миграциски политики.


