Во прекрасна атмосфера исполнета со песна, игра и дружење, денес во Кавадарци се одржа манифестацијата „Пензионерски есенски фолклор и младо вино“, во организација на Здружението на пензионери – Кавадарци и со поддршка од Општина Кавадарци.
На настанот присуствуваше и градоначалникот Митко Јанчев, кој заедно со претседателот на Здружението, Горан Ѓелов, им посака добредојде и ги поздрави присутните учесници.
Програмата понуди богати културно-уметнички настапи и фолклорни изведби, при што посебен акцент беше ставен на негувањето на традицијата, културните вредности и размената на искуства меѓу повозрасните генерации. Ваквите собири претставуваат одлична можност за меѓусебно поврзување и активно вклучување на пензионерите во општествениот и културниот живот на градот.
Од Општина Кавадарци порачуваат дека и во иднина ќе продолжат да ја негуваат и поддржуваат соработката со Здружението на пензионери, како и сите иницијативи кои придонесуваат за поквалитетен и побогат социјален живот на повозрасните сограѓани.


