На Клиниката за инфективни болести во Скопје се лекува 25-годишна пациентка кај која е потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска, додека со симптоми е хоспитализиран и 24-годишен жител на скопски Центар.
Директорот на Клиниката, Фадил Цана, информира дека 25-годишната пациентка првично била водена како клинички сомнителен случај, но дополнителните испитувања ја потврдиле инфекцијата и нејзината невроинвазивна форма.
Во меѓувреме, синоќа бил примен и 24-годишен пациент од Центар. Тој засега се води како суспектен случај, а резултатите треба да покажат дали и кај него ќе биде потврдена западнонилската треска.
Според Цана, пациентите кои развиваат невроинвазивна форма мора да бидат лекувани во болнички услови. Тој посочи дека оваа најтешка форма, која може да предизвика воспаление на мозокот и мозочните обвивки, според статистиките се развива кај околу еден процент од инфицираните.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 20 пациенти, од кои 18 се лабораториски потврдени, а двајца се водат како сомнителни случаи. Пет пациенти се на интензивна нега поради потешка клиничка слика.
Во текот на денот беше регистриран и уште еден смртен случај. Починал 76-годишен пациент кај кого претходно била потврдена тешка невроинвазивна форма на инфекцијата. Тој бил лекуван 27 дена, а имал и други сериозни придружни заболувања.
Со ова, бројот на починати од западнонилска треска во земјава се искачи на четири лица.
Досега 15 пациенти се излекувани и отпуштени од Клиниката за инфективни болести.
Лекарите посочуваат дека напреднатата возраст претставува независен ризик-фактор за потежок исход, особено кај пациентите кај кои инфекцијата предизвикува воспаление на мозокот и мозочните обвивки.







