По зголемениот број случаи на западнонилска треска во Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во последните денови примила околу стотина пријави од граѓани за угинати птици.
Од АХВ повикуваат на претпазливост, но нагласуваат дека пронаоѓањето една угината птица во урбана средина само по себе не треба да биде причина за паника. Посебно внимание, сепак, треба да се обрне доколку во краток временски период на исто подрачје се забележат повеќе угинати гаврани или други диви птици.
Во такви ситуации граѓаните треба да ги известат надлежните служби и да избегнуваат директен контакт со птиците, односно да не ги допираат или преместуваат.
Од АХВ информираат дека состојбата континуирано се следи, а во зависност од проценката на ризикот се преземаат мерки за надзор, земање примероци и лабораториски испитувања.
Министерот за здравство Сашо Клековски претходно посочи дека дивите птици, особено гавраните, се важни во следењето на циркулацијата на вирусот и ги повика граѓаните да ги пријавуваат угинатите единки.
Паралелно се засилуваат и мерките против комарците. Во повеќе скопски општини се спроведуваат третмани, а ларвицидна дезинсекција на стоечки води е извршена во Сингелиќ, Стајковци и Јурумлари.
Најавени се и вонредни контроли од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, додека жителите на општините во кои е прогласена епидемија треба да добиваат СМС-пораки со препораки за заштита.
Според епидемиолошките очекувања, август и септември се периоди со зголемен ризик од ширење на западнонилската треска.
Досега во Македонија се потврдени 35 случаи, а четири лица починале. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 20 пациенти, од кои 18 се лабораториски потврдени, а двајца се водат како суспектни случаи. Пет пациенти со потешка клиничка слика се на интензивна нега, додека 15 лица досега се излекувани и отпуштени од Клиниката.






