Затвореник од Казнено-поправната установа Штип вчера успеал да избега за време на судска постапка во Основниот кривичен суд во Струмица, иако на рацете имал ставени лисици.
Според информациите, за време на пауза од судењето обвинетиот побарал да биде однесен во тоалет. Додека бил спроведуван од двајца затворски полицајци, на излезот оттурнал еден од нив и се дал во бегство.
По инцидентот веднаш била започната потрага по бегалецот, во која е вклучена полицијата.
Директорот на затворот во Штип, Дејан Здравков, го потврдил случајот, посочувајќи дека од страна на установата биле преземени сите законски процедури, но сепак дошло до пропуст.
„Од наша страна беа запазени сите законски процедури, но се случил пропуст. Веднаш ги известивме МВР и Јавното обвинителство. Евентуалните пропусти од страна на затворската полиција ќе ги утврдува комисија која веќе е формирана“, изјавил Здравков.
Надлежните институции работат на пронаоѓање на избеганиот затвореник, додека истрагата треба да утврди како дошло до бегството и дали биле испочитувани сите безбедносни мерки при неговото спроведување.








