Заканата од екстремните температури за здравјето на постарите лица е значително поголема отколку што досега се проценуваше, покажува нова американска студија објавена во научното списание „The Lancet Planetary Health“.
Истражувањето, предводено од научници од Универзитетот Стенфорд, анализирало како глобалното затоплување би можело да влијае врз луѓето постари од 60 години до крајот на овој век.
Научниците посочуваат дека претходните проценки во голема мера биле базирани на способноста на млади и здрави лица да се справат со комбинацијата од висока температура и влажност. Но, постарите луѓе се почувствителни на топлина бидејќи нивното тело потешко ја регулира температурата, помалку се потат, а почесто имаат и други здравствени проблеми.
Резултатите покажуваат дека топлотните бранови во иднина би можеле да бидат почести, подолготрајни и да погодат многу поголем дел од населението.
Доколку глобалната температура се зголеми за 1,5 степени Целзиусови, научниците проценуваат дека околу 22 проценти од луѓето постари од 60 години би можеле да бидат изложени на опасни нивоа на топлина најмалку еден месец во годината.
Сценариото станува уште позагрижувачко при затоплување од три степени. Во тој случај, постарите жители во делови од Јужна Азија и регионот на Персискиот Залив би можеле да се соочуваат со опасни горештини дури три месеци годишно.
Истражувачите предупредуваат дека последиците нема да бидат само здравствени. Продолжените периоди на екстремна топлина би можеле да влијаат врз условите за живот во одредени региони и да придонесат за внатрешно раселување и прекугранична климатска миграција.
Авторите на студијата затоа повикуваат на намалување на емисиите на стакленички гасови, но и на подобра адаптација кон сè повисоките температури. Како особено важни ги издвојуваат пристапот до климатизација и обезбедувањето соодветни простории за разладување.
Според научниците, ризикот е особено сериозен за постарата популација, а со нејзиното зголемување во следните децении, екстремните горештини би можеле да станат еден од најголемите здравствени предизвици на иднината.









