Западнонилската треска однесе уште еден живот во Македонија. Почина 76-годишен пациент кој 27 дена бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, со што бројот на починати од оваа болест во земјава се искачи на четири.
Директорот на Клиниката, Фадил Цана, информираше дека пациентот имал и други сериозни придружни заболувања, како и тешка невроинвазивна форма на инфекцијата со зафаќање на мозокот и мозочната обвивка. И покрај лекувањето, во доцните попладневни часови настапил смртен исход.
Во меѓувреме, потврдена е невроинвазивна форма на западнонилска треска и кај 25-годишна пациентка која претходно се водела како сомнителен случај.
На Клиниката е примен и 24-годишен пациент од скопски Центар со симптоми на болеста. Тој засега се води како суспектен случај, а дополнителните испитувања треба да покажат дали станува збор за западнонилска треска.
Според Цана, најтешката, невроинвазивна форма се развива кај околу еден процент од инфицираните и бара болничко лекување. Напреднатата возраст претставува дополнителен ризик-фактор за потежок исход.
Досега во Македонија четири лица починале од западнонилска треска, додека 15 пациенти успешно го завршиле лекувањето и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.
Во однос на мртвите диви птици, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира граѓаните да не создаваат непотребна паника при појава на поединечна угината птица во урбана средина.






