ПРВ.мк
Црна Хроника

Родители во шок: Избрале донори за ин витро, а се сомневаат дека клиниките користеле други

Родители во шок: Избрале донори за ин витро, а се сомневаат дека клиниките користеле други

Најмалку 30 деца, од кои повеќето се Британци, можеби се зачнати преку ин витро третмани во северен Кипар со сперма или јајце-клетки од донори различни од оние што родителите ги избрале, покажува истрага на Би-Би-Си.

Случајот добива сè поголеми размери откако претходно биле откриени седум вакви случаи. Родителите тврдат дека при третманите внимателно избирале анонимни донори врз основа на медицинската историја, физичкиот изглед, карактерот, образованието и други лични карактеристики.

Сепак, подоцна кај дел од семејствата се појавиле сомнежи дека при процедурите воопшто не бил употребен биолошкиот материјал од избраните донори.

Според истрагата, половина од околу 30 деца се родени по третмани во Центарот за ин витро фертилизација „Догус“.

Една од мајките, идентификувана како Рејчел, изјавила дека неодамна дознала оти во нејзиниот случај бил употребен погрешен донор на сперма.

„Апсолутно е скандалозно“, изјавила таа.

Во истрагата се споменуваат и тројца членови на персоналот кои биле вклучени во третманите на повеќе пациенти. Едно од споменатите лица ги негира обвинувањата за незаконско постапување, додека другите две, според Би-Би-Си, не одговориле на поставените прашања.

Дополнителна загриженост предизвикува информацијата дека Cryos International, една од најголемите банки за сперма во светот, наводно ја ставила клиниката „Догус“ на црна листа уште во 2016 година.

Северен Кипар во изминатите години стана популарна дестинација за странски пациенти кои бараат третмани за плодност поради пониските цени и широкиот избор на донори.

По објавувањето на првичните сознанија, тамошните здравствени власти соопштиле дека е започната официјална истрага за случајот.