ПРВ.мк
Македонија

Нова студија открива алармантен ризик: Жештините сериозно ги погодуваат повозрасните и при пониски температури

Нова студија открива алармантен ризик: Жештините сериозно ги погодуваат повозрасните и при пониски температури

Лицата постари од 60 години можат да бидат изложени на сериозен топлотен стрес при значително пониски температури отколку што досега се претпоставуваше, покажува ново истражување предводено од експерти од Универзитетот Стенфорд и објавено во „Лансет паблик хелт“.

Научниците предупредуваат дека повозрасната популација би можела да го понесе најголемиот здравствен товар од сè почестите и подолготрајни топлотни бранови. Посебна опасност претставува таканаречениот некомпензиран топлотен стрес – состојба во која телото повеќе не може ефикасно да се разладува.

Со возраста се намалува способноста за потење, крвните садови потешко се шират, а срцето мора поинтензивно да работи за организмот да ја одржи нормалната температура. Поради тоа, високите температури кај повозрасните можат да предизвикаат дехидратација, колапс и влошување на постојните срцеви и бубрежни заболувања.

Истражувачите посочуваат дека досегашните проценки често користеле прагови базирани на реакцијата на организмот кај помладите лица, што можело да доведе до потценување на опасноста за повозрасната популација.

Според студијата, лицата над 60 години можат да бидат изложени на опасен топлотен стрес при глобално затоплување од само 1,5 Целзиусови степени над прединдустриското ниво, додека кај помладите возрасни критичниот праг е значително повисок.

Научниците проценуваат и дека секој дополнителен степен на глобално затоплување може годишно да изложи околу еден милион луѓе на најмалку 180 часа опасен топлотен стрес.

Проблемот дополнително го зголемува стареењето на светската популација. Се очекува до 2050 година бројот на луѓе постари од 60 години да достигне околу 2,1 милијарда, што значи дека потенцијално ранливата група ќе станува сè поголема.

Експертите предупредуваат дека последиците веќе се забележуваат во здравствените системи. За време на екстремни горештини се зголемува бројот на повозрасни пациенти кои бараат медицинска помош поради дехидратација, колапс и влошување на хроничните заболувања.

Наодите укажуваат дека заштитата на повозрасните лица ќе мора да стане еден од приоритетите при подготовките за сè почестите и поинтензивни топлотни бранови.