ПРВ.мк
Македонија

Западен Нил ја менува „мапата“ во Скопје: Новите случаи доаѓаат од други делови на градот

Западен Нил ја менува „мапата“ во Скопје: Новите случаи доаѓаат од други делови на градот

Западнонилската треска се појавува во нови делови на Скопје, иако последните податоци покажуваат намалување на бројот на нови хоспитализации. Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека, за разлика од претходниот период, новите случаи сега се регистрираат претежно во северниот и североисточниот дел на главниот град.

Досега во земјава се евидентирани вкупно 55 случаи, од кои 53 се потврдени, а за два сè уште се чека потврда. Од потврдените случаи, 52 пациенти биле хоспитализирани.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 19 пациенти. Кај 17 инфекцијата е потврдена, додека два случаи сè уште се испитуваат. Двајца пациенти се во тешка состојба и се на респиратор, а тројца кои претходно биле интубирани се екстубирани и нивната состојба се подобрува.

Во последната недела биле регистрирани пет случаи – три потврдени и два непотврдени. Според здравствените власти, тоа претставува намалување во споредба со претходните три недели, кога неделно имало меѓу девет и 11 хоспитализации.

Најголем број пациенти истовремено на Инфективната клиника имало на 12 август – вкупно 24. Најмногу болнички приеми биле регистрирани во периодот од 3 до 24 август.

Досега од западнонилска треска починале шест лица, сите мажи. Податоците покажуваат и дека меѓу хоспитализираните има речиси четири пати повеќе мажи отколку жени.

Во меѓувреме, вирусот е потврден и кај уште еден угинат гавран, пронајден во Карпош во близина на Драмскиот театар. Станува збор за трет регистриран гавран кај кој е утврден вирусот.

Клековски апелираше да се пријавуваат свежо угинати гаврани, а не птици кои веќе се во фаза на распаѓање, бидејќи од нив не може да се обезбеди соодветен материјал за тестирање.

Во следниот период здравствените власти ќе се фокусираат и на угинати гаврани надвор од Скопје, со цел подобро да се следи евентуалното присуство и ширење на вирусот во останатите делови од земјата.