ПРВ.мк
Свет

(Видео) Сафари се претвори во хорор: Џип со туристи излета во река со крокодили

(Видео) Сафари се претвори во хорор: Џип со туристи излета во река со крокодили

Вистинска драма се одвивала во Националниот парк Серенгети во Танзанија, откако сафари-возило со четворица туристи од Швајцарија и локален возач завршило во реката Мара, позната по присуството на нилски крокодили.

Инцидентот се случил во неделата попладне, додека туристите ја следеле Големата миграција – еден од најпознатите природни спектакли во Африка.

На снимка направена од очевидци се гледа како возилото се движи по нерамен терен, по што возачот губи контрола. Во еден момент една од туристките паѓа од возилото, а џипот продолжува да се движи и завршува во реката.

За среќа, сите четворица туристи и возачот успеале навреме да излезат од возилото и да стигнат на безбедно. Управата на националните паркови на Танзанија – TANAPA соопштила дека во инцидентот нема повредени.

Според сведоштва пренесени од локалните медиуми, возачот наводно брзал за да стигне до подобра позиција од која туристите би можеле да го набљудуваат преминувањето на стадата гнуови преку реката. Официјална потврда дека брзината била причина за инцидентот засега нема.

По настанот, TANAPA повторно ги повика сафари-возачите, туристичките оператори и посетителите строго да ги почитуваат безбедносните правила и упатствата на надлежните лица, особено во близина на реки и диви животни.

Големата миграција секоја година привлекува огромен број посетители во Серенгети, каде што милиони гнуови и други животни се движат во потрага по вода и храна, преминувајќи реки во кои живеат голем број крокодили.

Видео: