Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека забраната за движење во шумите и шумското земјиште е продолжена до 30 септември 2025 година. Граѓаните се повикуваат на особена претпазливост за да се спречат пожари на отворен простор.
„И покрај завршувањето на летниот период, опасноста од пожари на отворен простор останува висока поради продолжените високи температури. Секоја непотребна активност во шумите може да предизвика сериозни последици по животната средина, имотите и заедниците“, соопшти Министерството.
За непочитување на забраната, физички лица кои ќе се затекнат во шумите или на шумско земјиште ќе бидат казнети со глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност, согласно член 106 од Законот за шумите.