ПРВ.мк
Македонија

Судењето за „Штекли“ се заострува: Психијатриските вештачења за Раде Трајковски на нишан на судот

Судењето за „Штекли“ се заострува: Психијатриските вештачења за Раде Трајковски на нишан на судот

На денешното рочиште за случајот „Штекли“, поврзан со организирана продажба на дрога во скопската населба Аеродром, Основниот кривичен суд Скопје ќе ги соочи психијатриските вештачења доставени од одбраната и обвинителството за обвинетиот Раде Трајковски – Штекли.

Одбраната тврди дека Трајковски има растројство со шизофрени карактеристики, со халуцинации и параноидни идеи, и дека не е способен да ја следи судската постапка. Обвинителството, спротивно на тоа, достави вештачење во кое се наведува дека тој е апсихотичен и способен да учествува во судската расправа.

Судијата Илија Трпков најави дека на денешното рочиште ќе бидат повикани вештите лица од двете страни за да ги соочат своите мислења, по што Судот ќе одлучи кое вештачење ќе го прифати или ќе наложи ново психијатриско вештачење доколку се утврди потреба.

На претходното рочиште, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.

Обвинението опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага спроведена од Обвинителството за гонење на организиран криминал, со примена на посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.

Групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.

Escape