Македонската полиција наскоро ќе започне со употреба на брзи тестови за откривање присуство на наркотици кај возачи кои ќе бидат оценети како сомнителни од страна на полициските службеници. Тестовите веќе се нарачани, а според информациите од Министерството за внатрешни работи, нивната испорака се очекува во првата половина на август.
Станува збор за еднократни тестови кои се користат преку анализа на плунка, а нивната цена изнесува само 218 денари по парче. МВР има нарачано вкупно 10.000 тестови, кои треба да овозможат побрзо и поефикасно откривање на возачи кои управуваат возила под дејство на дроги.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, тестовите имаат точност од околу 99 проценти и резултатите се добиваат за краток временски период – од три до 10 минути. За нивната употреба не е потребно медицинско знаење, што овозможува полициските службеници директно на терен да извршуваат брзи проверки.
Од МВР информираат дека станува збор за истите тестови кои беа најавени минатото лето, но нивната употреба сè уште не е започната бидејќи трае рокот за испорака согласно договорот.
„Согласно доставено барање од Одделот за униформирана полиција, склучен е договор нарачка за набавка на 10.000 парчиња тестови за дрога. Во врска со прашањето дали овие тестови се тие што лани летото беа најавени од МВР дека ќе бидат за тестирање на возачите, известуваме дека станува збор за истите тестови. Со нивна употреба не е почнато бидејќи уште тече рокот за испорака согласно склучениот договор за нарачка. Се очекува испорака во првата половина на август“, велат од МВР.
Јавната набавка е реализирана преку рамковна спогодба со времетраење од две години. Тоа значи дека во овој период Министерството ќе може дополнително да нарачува тестови, но вкупната вредност на набавките не смее да надмине 80.000 евра.
Од МВР нагласуваат дека тоа не значи дека целата сума задолжително ќе биде потрошена, туку претставува максимален лимит кој не може да биде надминат.
Тендерот го добила фирмата „Друштво за трговија и услуги Визиомед ГБГ ДООЕЛ Скопје“, компанија која постои од 2009 година.
По пристигнувањето на тестовите, неколку полициски службеници ќе поминат специјализирана обука за нивна правилна употреба. Тие потоа ќе го пренесат знаењето и на останатите полициски службеници во организациските единици.
Од Министерството објаснуваат дека тестирањето ќе се врши директно на местото каде што е запрено возилото, а одлуката за тоа кој возач ќе биде тестиран ќе зависи од проценката на полицискиот службеник.
„Тестирањето ќе се врши на местото каде што е сопрено возилото и ќе се врши контрола на возачот на проценка на полицискиот службеник. Тестовите се карактеризираат со висока прецизност. Вакви видови тестови ќе се употребуваат првпат. Тестирање се прави и сега со анализа на крв и урина“, наведуваат од МВР.
Новите тестови се едноставни за употреба и не бараат дополнителни уреди, реагенси или медицинска опрема. Примерокот се зема преку орален брис, односно со апликатор кој се поставува во устата, а целата постапка трае помалку од една минута.
Резултатите се читаат без дополнителна опрема и можат да бидат позитивни, негативни или неважечки.
Негативен резултат се добива кога се појавуваат линии и во контролниот регион (C) и во тест-регионот (Т). Позитивен резултат се покажува кога има линија само во контролниот регион (C), додека отсуството на линија во контролниот регион значи дека тестот е неважечки.
Тестовите можат да откријат седум различни видови наркотични супстанции:
- тетрахидроканабинол (THC),
- кокаин,
- амфетамин,
- метамфетамин,
- опијати (морфин и хероин),
- екстази (MDMA),
- бензодиазепини.
Според спецификациите, тестовите имаат утврдени граници на детекција за секоја супстанција, а нивната точност и сигурност се потврдени со меѓународни стандарди.
Производите поседуваат ISO 13485 сертификат за квалитет, CE ознака и се усогласени со европските регулативи за медицински средства. Тие се регистрирани и во Агенцијата за лекови и медицински средства на Македонија (МАЛМЕД).
Тестовите можат да се складираат на температури од 0 до 40 степени Целзиусови, што овозможува нивна употреба во различни временски услови.
Со воведувањето на овие брзи проверки, МВР очекува полесно откривање на возачи кои управуваат под влијание на наркотични средства и поголема безбедност во сообраќајот.








