Црногорската полиција оваа летна сезона воведе засилен воздушен надзор на сообраќајот со помош на дронови, со цел да ја зголеми безбедноста на патиштата во периодот кога кон приморјето се движат голем број домашни и странски туристи.
Беспилотните летала ќе патролираат на територијата на цела Црна Гора, а најинтензивен надзор ќе има во централниот и јужниот дел од земјата, каде што во летните месеци сообраќајот е значително зголемен.
Овој начин на контрола веќе се применува во повеќе земји од Европската Унија, а неговата цел е навремено откривање на најопасните сообраќајни прекршоци и спречување на тешки сообраќајни несреќи.
Дроновите ќе снимаат и евидентираат прекршоци како што се:
- пречекорување на дозволената брзина,
- опасно и непрописно претекнување,
- претекнување колона преку полна линија,
- претекнување во непрегледни кривини.
Од црногорската полиција најавуваат дека контролите ќе бидат особено интензивни на делниците што важат за најризични, а воздушниот видеонадзор ќе биде активен во текот на целата туристичка сезона.
Истовремено, институциите апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и брзината да ја приспособат на условите на патот. Како што посочуваат, примарната цел не е изрекување казни, туку заштита на животите на сите учесници во сообраќајот преку превентивната кампања „Живеј, не брзај“.
Во Црна Гора се предвидени и високи парични казни за сообраќајните прекршоци. За возење под дејство на алкохол од 0,3 до 0,5 промили следува глоба од 70 до 200 евра, додека за концентрација од 0,5 до 1,0 промили казната се движи од 300 до 2.000 евра. Ако возачот има повеќе од 1,0 промил алкохол во крвта, покрај паричната казна може да му биде изречена и мерка притвор, односно затвор до 60 дена.
Некористење сигурносен појас се казнува со од 40 до 100 евра, користење мобилен телефон при возење со глоба од 60 до 150 евра, затемнување на стаклата со казна од 150 до 1.000 евра, додека за непрописен превоз на деца до пет години казната изнесува од 40 до 100 евра, а за непрописен превоз на деца до 12 години од 60 до 150 евра.








