Во Велес денеска беше одржан помен и беа положени свежи цвеќиња во чест на македонските хероини Мирка Гинова и Невена Георгиева-Дуња, како и на Македонците кои ги загубиле животите како борци во Граѓанската војна во Грција во периодот од 1946 до 1949 година.
Информацијата ја објави претседателот на Светскиот македонски конгрес и генерален секретар на Сојузот МАКЕДОН, Тодор Петров, кој посочи дека одбележувањето било организирано од повеќе здруженија и институции.
Настанот го организирале Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, Сојузот на борците од Втората светска војна од Велес, како и општините Велес и Чашка.

Одбележувањето се одржа по повод повеќе значајни годишнини – 77 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, 78 години од егзодусот на македонските деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија, 80 години од смртта и 110 години од раѓањето на Мирка Гинова.
Цвеќе најпрво било положено пред спомен-плочата посветена на македонските борци загинати во Граѓанската војна во Грција, која се наоѓа во Велес. Потоа почит била оддадена и пред спомен-плочата посветена на Македонците и Грците, борци на Демократската армија на Грција (ДАГ), кои биле лекувани во Болницата за белодробни заболувања и туберкулоза во Јасеново.
На спомен-плочата во Велес се испишани имињата на 115 Македонци, доселеници од Егејскиот дел на Македонија, кои загинале како припадници на ДАГ. Според податоците наведени од организаторите, околу 400 Македонци од Велес заминале во составот на Демократската армија на Грција, а 115 од нив ги загубиле животите во борбите.

На одбележувањето присуствувале делегации од Општина Велес и Општина Чашка, здружението „Ѕвезда“, Сојузот МАКЕДОН, Сојузот на борците, Светскиот македонски конгрес, како и претставници на повеќе здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Почит оддале и членови на здруженијата „Сонцето од Кутлеш“, „В’мбел“, „Загоричани“, „Свети Герман“, „Прилеп“ и „Мирка Гинова“, како и претставници на Сојузот на пензионерите од Велес и Здружението на акцијашите.
За животот и делото на Мирка Гинова, како и за лекувањето на борците на ДАГ во болниците во Пониква, Катлановска Бања и Јасеново, зборуваше Тодор Петров. Пригодни обраќања имаа и проф. д-р Нада Јурукова, додека поезија прочита проф. д-р Елка Јачева-Улчар.
Мирка Гинова, позната и како Ирина Гинова, е родена во 1916 година во селото Русилово во Воденско. По завршувањето на учителската школа во Костур во 1939 година, таа се вклучила во антифашистичкото движење, а подоцна станала дел од вооружената борба.
Во 1943 година се приклучила на партизанските структури и била секретарка на Антифашистичкиот фронт на жените за Воденскиот округ.
Во 1946 година била заробена заедно со шестмина соборци. На судењето одржано на 25 јули истата година била осудена на смртна казна, а на 27 јули 1946 година, на 30-годишна возраст, била стрелана во Ениџе Вардар.
Според податоците објавени од организаторите, Мирка Гинова била првата жена стрелана во Грција поради политички причини и посмртно била прогласена за Народен херој на Македонија. Во нејзина чест, во Велес во 2019 година била откриена и нејзина биста, донација од академскиот скулптор Петре Наневски.
На настанот била спомената и Невена Георгиева-Дуња, родена на 25 јули 1925 година во Скопје. Таа уште како 16-годишна девојка се приклучила на партизанското движење и била меѓу првите жени-борци во Македонија.
Георгиева-Дуња била член на Скопскиот партизански одред, а потоа и на велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Загинала во декември 1942 година, на 17-годишна возраст.
Дел од програмата се одржа и во Јасеново, каде што била оддадена почит на Македонците и Грците, борци на ДАГ, кои биле лекувани и починале во тамошната болница.
Според податоците изнесени на одбележувањето, болницата во Јасеново била изградена за само три месеци, од март до јуни 1948 година, со цел да се лекуваат ранетите борци од Граѓанската војна во Грција.
Пред тоа, ранетите биле згрижувани во Пониква во периодот од јуни до ноември 1947 година, а потоа во Катлановска Бања од ноември 1947 до јули 1948 година.
Според изнесените податоци, низ овие здравствени установи во Македонија биле лекувани 6.316 ранети борци, а околу 2.500 од нив биле подложени на хируршки интервенции.
Организаторите наведуваат дека 200 лица починале за време на операциите, 146 при транспортот, а 46 биле донесени веќе починати.
Светскиот македонски конгрес и Сојузот МАКЕДОН, според изјавите на Тодор Петров, покренале иницијатива пред надлежните институции за ексхумација на посмртните останки на починатите во Катлановска Бања и Јасеново и нивно достоинствено погребување во заедничка спомен-костурница.
Во дворот на болницата во Јасеново во 2013 година била откриена спомен-плоча посветена на Македонците и Грците кои биле лекувани и починале таму.
На одбележувањето биле упатени и пораки за зачувување на историското сеќавање, како и за продолжување на заложбите за остварување на правата на прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија и нивните потомци.
Тодор Петров повика и на продолжување на разговорите за прашањето на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција пред Обединетите нации, како и на градење трајно македонско-грчко помирување и добрососедски односи.
Одбележувањето заврши со полагање цвеќе и порака дека споменот за загинатите и починатите борци и хероини ќе продолжи да се негува.









