УХМР издаде предупредување за нестабилни временски услови кои ќе ја зафатат целата држава во текот на денешниот ден и претстојната ноќ, со посебен акцент на западните делови на Македонија.
Според најавите, се очекуваат врнежи од дожд на целата територија, при што најобилни ќе бидат во западниот регион. Временските услови ќе бидат невообичаено топли за овој период од годината поради јужно воздушно струење, што значи дека и на повисоките места дождот ќе преовладува, додека на планините ќе има мешани врнежи од дожд и снег.
Поради очекуваните врнежи, можно е зголемување на водостојот на реките и суводолиците, особено во западните делови на земјата. Надлежните предупредуваат дека доколку дождот локално има пороен карактер, можно е нагло зголемување на нивото на помалите водотеци и излевање од коритата.
Како олеснителна околност се наведува тоа што најобилните врнежи се очекуваат во доцните вечерни и ноќни часови, кога температурите ќе бидат пониски, а на повисоките планини дел од врнежите ќе преминат во снег, со што ќе се намали површинскиот дотек на вода.
Сепак, и во текот на ноќта температурите ќе останат над нулата, поради што од УХМР апелираат на зголемена внимателност при движење покрај реки и суводолици.
Дополнително, силен јужен ветер со брзина над 60 километри на час може да предизвика појава на високи бранови на Охридското Езеро. Посебно изложен ќе биде градот Охрид, каде што се препорачува претпазливост по должината на крајбрежјето.
















