Сериозни сомнежи за појава на парвовироза се појавија во врска со пансионот за кучиња „Ав, ав“ во Скопје, откако сопственичка јавно обвини дека нејзиниот миленик починал по престој во објектот. Таа тврди дека кучето било вратено во тешка здравствена состојба и веќе заразено со опасниот вирус, а дополнително посочува дека има индиции дека заразени се и други миленици.
Сопственичката, Пејковска, за случајот проговори преку социјалните мрежи, каде јавно ги повика сите сопственици чии кучиња моментално се сместени во пансионот итно да ги земат своите миленици. Според неа, во објектот има присуство на парво вирус, а состојбата, како што наведува, била прикривана.
Во својата објава таа напиша дека пансионот ѝ го вратил кучето во крајно лоша состојба и дека, според нејзините зборови, животните не биле соодветно згрижени, ниту навреме информирани сопствениците за здравствените проблеми.
Според нејзиното сведоштво, кучето по име Мајло престојувало во пансионот вкупно десет ноќи. На 25 декември, околу 17 часот, ѝ било предадено назад со објаснување дека тој ден не јадел и бил нерасположен. Таа тврди дека уште при враќањето, пред да стигнат дома, кучето повратило и се онесвестило, по што веднаш било однесено на итен ветеринарен преглед.
На ветеринарната клиника, како што наведува Пејковска, ѝ било соопштено дека Мајло е заразен со парво вирус и дека болеста е во речиси крајна фаза. Дополнително, таа тврди дека при контакт со ветеринарката за која ѝ било кажано дека дала позитивна оценка за здравјето на кучето, добила информација дека во изметот имало крв – податок кој, според неа, никогаш не ѝ бил пренесен од пансионот.
Пејковска посочува дека кучето било во состојба на обилно крвавење и значително ослабено, при што од почетната тежина од 5,5 килограми паднало под четири килограми. Според нејзините зборови, Мајло бил вратен како целосно исцрпено животно, што, како што тврди, не може да се случи за еден ден, туку е резултат на подолг период на болка, гладување и игнорирање на симптомите.
И покрај напорите на ветеринарите, кои се обиделе со инфузии и терапија, состојбата била веќе критична и кучето починало. Сопственичката смета дека доколку пансионот навремено реагирал и ја информирал за здравствените проблеми, постоела реална можност животното да преживее.
Од медиумот „Скопје1“ утринава побарале официјален став од пансионот за кучиња „Ав, ав“, но до моментот на објавување на информацијата не бил добиен никаков одговор или реакција на поставените прашања.
Во меѓувреме, Пејковска објави и дел од комуникација за која тврди дека била водена меѓу пансионот и друг сопственик на куче, корисник на нивните услуги. Тој, според објавените принт-скринови, прашувал дали неговиот миленик бил во контакт со заразениот и починат Мајло. Од пансионот наводно бил уверуван дека контакт немало, но подоцнежните тестирања покажале дека и тоа куче, иако возрасно и со претходни здравствени проблеми, било позитивно на парво вирус.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, а сопствениците на миленици бараат одговорност, транспарентност и итна проверка на условите во кои се згрижуваат животните.
















