Од март следната година, работниците во образованието ќе добијат договореното покачување на платите, најави министерката за образование Весна Јаневска. Зголемувањето ќе изнесува помеѓу 7,5 и 10 проценти, во зависност од пресметките за секој вработен.
– „Тоа е мотив за наставниците. Она што досега не беше направено, ние го реализиравме. Дополнителен стимул е и кариерното напредување. Горда сум на успехот што го постигнавме, кој беше забележан и во извештајот на Европската Комисија“, рече Јаневска.
Таа информираше и за државната матура во 2026 година: учениците ќе полагаат два вида – стручна и редовна државна матура. Прашањата за стручната ќе бидат прилагодени на наставниот материјал, додека редовната ќе остане непроменета.
Исто така, учениците од средните стручни училишта ќе имаат можност да полагаат државна матура и ако не планираат да продолжат со студии во струката која ја учеле, овозможувајќи им пошироки опции за кариера и иднина.
















