Судењето за случајот „Пулс“ продолжува со нова фаза во која, според најавената динамика, како сведоци на Обвинителството треба да сведочат тројца родители на жртвите. Процесот влегува во чувствителен дел, со очекување на емотивни и клучни искази поврзани со трагичниот настан.
На претходното рочиште, одржано во четвртокот, беа завршени воведните говори на одбраната, по што исказ даде и првиот сведок предложен од Обвинителството. Станува збор за Дејан Николов, сопственик на автосервис кој се наоѓа во непосредна близина на објектот во кој работело кабарето „Пулс“.
Николов околу два часа одговараше на директни прашања од страна на Обвинителството, а потоа и на вкрстени прашања од адвокатите на обвинетите. Во своето сведочење тој детално опиша што се случувало критичната ноќ, нагласувајќи дека и самиот бил присутен во кабарето заедно со својот син.
Тој раскажа дека првично забележал бел чад кој излегувал од објектот, но набргу чадот станал густ, црн и почнал брзо да се шири. Заедно со својот син и уште неколку млади луѓе забележале дека чадот доаѓа од женскиот тоалет. Таму, според неговите зборови, девојчиња се држеле за решетките на прозорецот и очајнички барале помош.
Николов сведочеше дека во тие моменти зел црево и почнал да прска вода кон внатрешноста на просторот. Пренесе и потресни зборови од девојчињата кои му викале да продолжи со прскање бидејќи така полесно дишеле, додека неговиот син го молел да ги спаси.
Во понатамошниот исказ, тој изјави дека се координирал со пожарникарите кои, со помош на агрегат, ги исекле решетките од прозорецот на женскиот тоалет. При тоа, забележал дека помошната врата од „Пулс“ била затворена, што, според него, дополнително ја отежнало евакуацијата.
Сведокот изјави и дека пред почетокот на пожарот, додека биле надвор, дошла полиција околу два часот по полноќ. На прашање од обвинителот наведе дека видел седум до осум униформирани полицајци, но не можел со сигурност да каже дали имало и лица во цивил.
Николов посочи дека еднаш, многу порано, го прашал сопственикот Дејан Јованов-Деко зошто помошната врата секогаш била затворена. Одговорот, според неговото сведочење, бил дека тоа се правело за да се спречи влез на лица без билет. Додаде и дека за време на пожарот се чувствувал специфичен мирис на изгорена пластика.
На почетокот од сведочењето, Николов објасни дека објектот во кој подоцна било сместено кабарето „Пулс“ претходно служел како магацин за чанти, а уште порано како текстилна конфекција. Наведе дека Јованов го зел под закуп во 2012 година и започнал со внатрешна реконструкција.
Тој даде и опис на внатрешниот изглед на објектот, базиран на тоа што го видел кога повремено навраќал. Посочи дека имало скали на две нивоа кои воделе кон клубот, два шанка со платформи над нив, како и дека кабарето било реновирано во 2024 година. Според неговите зборови, тогаш биле отстранети двете тераси и направени измени кај бината на која настапувале музичарите.
Токму околу овие наводи реагираше одбраната, како при директното така и при вкрстеното испрашување. Дел од адвокатите истакнаа дека сведокот нема соодветно стручно образование за да зборува за реновирање на објект и дека тоа се гледа и од терминологијата што ја користел.
Во меѓувреме, обвинетите на кои им е определена мерка притвор утрово беа донесени во судницата со полициски комбиња.
За пожарот во „Пулс“ обвинети се вкупно 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на објектот, лица блиски до него, инспектори од државни институции, поранешни министри, како и припадници на агенцијата која го обезбедувала кабарето и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес, сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата дека постои причинско-последична врска меѓу нивните дејствија и настанувањето на смртоносниот пожар.
















