Најавата дека Украина е приоритетен кандидат за членство во Европска Унија предизвика силни реакции низ Европа и регионот. Изјавата на европската комесарка за проширување, Марта Кос, многумина ја толкуваат како јасен политички сигнал – а не класична процедура заснована исклучиво на исполнети критериуми.
Според аналитичарите, пораката од Брисел е насочена кон давање надеж и политичка поддршка за Киев, во чувствителен момент кога се бара простор за мировни преговори со Русија. Украина, велат тие, се третира како „посебен случај“, слично како што во минатото биле третирани поранешни советски држави, како и Романија и Бугарија, кои влегоа во ЕУ и покрај сериозните недостатоци во исполнувањето на критериумите.
Директорот на Центарот за регионализам, Александар Попов, оценува дека оваа порака нема директна врска со Западен Балкан, туку исклучиво со геополитичката реалност околу Украина. Според него, евентуалното членство на Украина би било чисто политичка одлука и дел од поширок мировен аранжман, кој би можел да вклучи и безбедносни гаранции преку НАТО.
Токму затоа, додава Попов, ваквиот чекор би бил преседан без преседан – земја во активна војна, со ограничена демократска функционалност, да се најде на прагот на Унијата побрзо од земји кои со децении чекаат.
Самата Кос потврди дека проширувањето повеќе не е само прашање на кандидатите, туку и на внатрешната подготвеност на ЕУ. Во следните 12 месеци, најави таа, Брисел ќе мора да донесе клучни и конкретни одлуки што ќе ја дефинираат иднината на европското проширување – и редоследот на оние што чекаат пред вратите.
















