Зад гламурот, медалите и светската слава, се крие една од највознемирувачките приказни од времето на романската диктатура на Николае и Елена Чаушеску. Судбината на гимнастичарката Надја Коменаси, национална хероина и симбол на комунистичка Романија, со години била далеку од бајката што јавноста ја гледала.
Замислата дека сте најуспешната спортистка во државата, а притоа целосно лишени од лична слобода, за Надја била сурова реалност. По неверојатниот успех на Олимписките игри во Монтреал во 1976 година, каде што влезе во историјата како прва гимнастичарка со совршена оцена 10, таа стана гордост на режимот. Но токму тогаш започнал и нејзиниот личен пекол.
Семејството Чаушеску било опседнато со нејзината слава и одлучило да ја „врзе“ за нивниот трет син, Нику Чаушеску. Во Романија познат како „принцот“, Нику важел за наследник на моќта, човек на кого сè му било дозволено. Иако бил значително постар од Надја, државната машинерија не оставала простор за одбивање.
Нику бил познат по своето самоволие, пороци и насилно однесување, за што подоцна сведочеле бројни извори и автори. Во книгата „Децата на чудовиштето“, авторот Џеј Нордлингер опишува како синот на диктаторот со години бил заштитен од системот, без никакви последици за неговите постапки. Во јавноста кружеле гласини дека никој не смеел да му се спротивстави и дека злоупотребувал моќ на најбрутален начин.
Надја била практично затворена во палатата на Чаушеску, под строг надзор. По наредба на Елена Чаушеску, можела да ја напушти резиденцијата исклучиво за тренинзи и официјални настапи. Нејзиниот живот се сведувал на вежбање, натпревари и постојан страв. Според сведочењата, била изложена на психичко и физичко малтретирање, без можност да побара помош.
Подоцна во јавноста излегоа информации дека Надја претрпела сериозни здравствени и психолошки последици, вклучително и повеќе прекинати бремености, што дополнително ја покажува тежината на притисокот под кој живеела.
Со години таа била симбол на успехот на режимот, но зад сцената живеела под контрола, следење и страв. Конечно, во 1989 година, само неколку недели пред падот на режимот и романската револуција, Надја собра храброст за чекор кој ѝ го спаси животот.
Ноќе, тајно и со огромен ризик, таа илегално ја напушти Романија, преминувајќи ги границите кон Унгарија и Австрија. Потоа замина во Соединетите Американски Држави, каде што конечно доби шанса за слобода, нормален живот и нов почеток.
Приказната на Надја Коменаси останува силно сведоштво за тоа како дури и најголемите спортски ѕвезди можат да бидат жртви на репресивни режими и злоупотреба на моќ, но и пример дека бегството од стравот, колку и да е тешко, понекогаш е единствениот пат кон спас.
















