ПРВ.мк
Македонија

Владата најави нов ребаланс на Буџетот до крајот на октомври – приходите помали за 7 до 8 милијарди денари

Владата најави нов ребаланс на Буџетот до крајот на октомври – приходите помали за 7 до 8 милијарди денари

Владата до крајот на октомври планира нов ребаланс на Буџетот, со кој ќе бидат направени корекции и на приходната и на расходната страна. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека една од причините е намалувањето на буџетските приходи по основ на акцизи и ДДВ, додека СДСМ ја обвинува власта за лошо управување со јавните финансии.

Најавата доаѓа во период кога Регулаторната комисија донесе одлука за намалување на цените на горивата. Дизелот поевтинува за три денари за литар, а бензините за 1,5 денар. Просечното намалување на малопродажните цени изнесува 1,85 проценти.

Мицкоски изјави дека Македонија и натаму има пониски цени на дизелот и безоловниот бензин во однос на соседните земји. Според него, разликата се движи приближно од 25 до 50 евроценти за литар.

Премиерот најави дека до крајот на месецот треба да биде подготвен и новиот ребаланс на Буџетот. Како причина го посочи намалениот прилив во државната каса од околу седум до осум милијарди денари по основ на акцизи и намалено ДДВ.

„За нас прв приоритет е стандардот на граѓаните“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека Владата во услови на глобални конфликти и економска неизвесност се обидува да ја одржи стабилноста на цените.

Паралелно, Владата преговара и со ОКТА за можност за дополнителен попуст на горивата.

Од СДСМ, пак, имаат поинаква оценка. Опозициската партија обвинува дека власта наместо да ги коригира економските политики, продолжува со неодговорно задолжување.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го оспори образложението за намалените приходи од ДДВ и акцизи. Според неговата оценка, поради значителниот раст на влезната цена на горивата, приходите од овие давачки не би требало да бидат пониски во обемот што го посочува Владата.

Мицкоски се осврна и на енергетската состојба, оценувајќи дека државата е подготвена да одговори на актуелните предизвици. Во најавата, сепак, не беа наведени конкретни дополнителни мерки што би биле преземени во овој сегмент.