Повеќе од 20 пожари на отворен простор се регистрирани во текот на денешниот ден, а состојбата и понатаму останува сериозна, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Во моментов големи напори се вложуваат во гаснењето на огромниот пожар на планината Китка, каде што огнот е распространет на голема територија и има неколку активни краци.
Во гаснењето се вклучени и „Ер тракторите“, кои дејствуваат од воздух врз најкритичните делови од пожарот.
„Даваме сè од себе за да го совладаме овој огромен пожар кој е проширен на голема територија и сум оптимист дека во текот на денешниот или утрешниот ден ќе биде ставен под делумна контрола“, изјави Ангелов.
Тој посочи дека само во текот на денешниот ден се регистрирани повеќе од 20 пожари на отворено и предупреди дека нивниот интензитет сè уште не стивнува.
Ангелов предупредува и на намерно предизвикани пожари
Според Ангелов, дел од пожарите се последица на неодговорно однесување и се предизвикани ненамерно, но постојат и случаи во кои огнот се подметнува намерно.
„За уште поголема жал имаме злонамерни луѓе кои поради користољубие или осветнички мотиви намерно предизвикуваат пожари, свесни дека притоа може да убијат некого“, предупреди Ангелов.
Надлежните служби продолжуваат со напорите за локализирање на пожарите, а приоритет останува ставањето под контрола на големиот пожар на Китка.








